Wednesday, November 10, 2010

Вработување: Дали знаеш како да ги одбереш кандидатите?

Твојот мал бизнис расте, пазарот има потреба од производот или услугата која ја продаваш и вработуваш нови луѓе за да го прошириш својот бизнис. Што воопшто може да тргне наопаку? Одговорот е, многу, ако не ги најмиш вистинските луѓе.
Една од разликите помеѓу бизниси кои цветаат и оние кои живуркаат лежи во добриот персонал. Очигледно, твојот талент како претприемач има голема врска со успехот на твојот бизнис, но има граници на твоите можности. Како водач на фирмата, твоја работа е да најдеш добар персонал, да сфатиш што ги мотивира, и потоа да ги сместиш на работно место на кое и тие и бизнисот ќе бидат успешни.
Наоѓањето добри луѓе одзема многу време и бара трпение и енергија. Треба да одолееш на искушението да ги вработиш првите луѓе што ќе се појават, или пак оние со задоволителни квалификации само затоа што сакаш да престанеш со интервјуирањето и да се вратиш на работа. Исто така треба да вработиш луѓе кои ќе се адаптираат и ќе бидат мотивирани за да го направат твојот бизнис успешен.
Оформи група кандидати
Првиот чекор во процесот откога си определил каков човек ти треба, е да оформиш група кандидати. За да го сториш ова ти требаат конвенционални и неконвенционални пристапи.
  • Секогаш размислувај за својот кадар 
Дури и ако не си во позиција да вработиш некој во овој момент, треба да размислуваш за тоа какви луѓе ти требаат за шест месеци или година, и да внимаваш ако налеташ на такви луѓе
  • Ѕирни насекаде
Штом одлучи што сакаш, контактирај ги колегите, луѓето со кои си работел, пријателите на пријателите и здружението од твојата професија, за да најдеш некого. Ако бараш продавач, зборувај со својот продавач, зборувај со своите купувачи за да видиш кој најмногу им се јавува.
  • Барај на неконвенционални места
Еден сопственик на мал бизнис кој имаше потреба од асиситент, ја вработи келнерката од локалниот ресторан, каде што одеше на доручек. Зошто? Знаеше дека е добра со луѓе, умна и работлива дури и пред да ја повика на интервју за работа. Друго добро место за да најдеш луѓе за административни или повисоки позиции се канцелариите за вработување при факултетите. Тие можат да најдат соодветен кадар, или пак интерни работници (на пракса) кои работат бесплатно. 
  • Не штеди
Ако бараш луѓе на повисока позиција и после сите контакти немаш успех, можеби ќе треба да вработиш професионално лице кое се бави со пронаоѓање соодветен кадар. „Претприемачите мора да го надминат својот цврст став дека нема да потрошат пари, ако сакаат да најдат квалитетен кадар“, вели Кати Елстер, основач и претседател на „Семинари за бизнис стратегија и мали бизниси“, фирма од Њујорк. „Можете да се договорите за цена, или за отплата на повеќе месеци“.
Време за проценка
Штом ја оформи групата, време е да отпочнеш со процесот за евалуација. Ова е фазата во која треба внимателно да процениш дали кандидатот ги поседува вештините за работата (а не само добра личност или цена што ти се допаѓа) како и предиспозициите за работа во претприемничка средина. Има многу високостручни кадри кои доаѓаат од големи фирми, но не се сите погодни за работа во мала фирма. Добар начин за да определиш дали некој може да работи во мала фирма е да поставиш неконвенционални прашања. Кандидатите најверојатно ќе имаат помалку готови одговори, што значи дека ќе добиеш вистински информации за време на интервјуто во врска со расудувањето на кандидатите, подготвеност за преземање ризици и способности за донесување одлуки. Квалитети кои се неопходни за во мала фирма.
Кати Елстер препорачува да се користат долунаведените прашања, и слични прашања, за да се определи дали кандидатот е подготвен да работи во претприемничка средина.
  • Какви ризици презеде на твојата претходна работа и кои беа резултатите?
Со ова прашање се постигнуваат многу работи. Најпрво, ќе видиш што подразбира кандидатот под поимот ризик. Еден ќе мисли дека да се биде храбар значи да се оди против политиката на фирмата, а друг да смета дека треба да се промени рекламната стратегија на фирмата. Со помош на овие прашања ќе видиш како вработениот се носи со работата што ја презема, и како се справува со промена и несигурност.
  • Какви методи користиш за да донесеш одлука? 
Со ова прашање ќе сфатиш дали лицето има проблем со донесување одлуки. Лице кое ги прави работите како што се правеле отсекогаш, или лице на кое му се потребни мислењата на другите за да донесе одлука, можеби не е вистинскиот кандидат за мало претпријатие, затоа што таква фирма обично има потреба од независни вработени кои најчесто треба да донесат одлука под притисок или во пет до дванаесет. За да разбереш како размислува кандидатот, постави прашање со конкретна ситуација.
  • Дали треба вработените да го критикуваат шефот? На каков начин?
Ова ќе ги оддели луѓето што на сe климаат со глава од оние кои можат да го подобрат твојот бизнис со тоа што ќе постават интелигентни прашања. Но секако треба да внимаваш да не вработиш некој кавгаџија кој со ништо не се согласува, чисто од каприц. За да видиш во која група спаѓаат кандидатите, прашај ги дали некогаш не се согласиле со шефот и каква била ситуацијата. Исто така можеш да прашаш дали некогаш го предизвикале шефот и дали резултатот бил позитивен.

No comments:

Post a Comment