Saturday, December 4, 2010

Важноста на тимската работа

Тимската работа ги дели работните задачи, но го дуплира постигнатиот успех.“ Зошто една група на луѓе кои што работат заедно, функционираат како тим? Со самото тоа што се вработени во иста организација не значи дека се гледаат себе си како тим или дека се нешто премногу ангажирани за тимска работа. Работењето заедно не е исто што и тимската работа. Важно е менаџерите да ја разберат разликата на работење во тимови и концептот на тимската работа. Кога вработените кои што работат во Вашата организација вршат важна активност со нивното работење, всушност тие реализираат активност на тимовите. Тие може но и не мора да значи дека работат заедно.

Во секоја организација се зборува за градење на тимови, работење како еден тим, меѓутоа малкумина разбираат како да изградат ефективен тим. Да се припаѓа во одреден тим претставува чувство да се биде дел од нешто поголемо од самиот себе. Во средина каде што функционираат тимовите, придонесот кој што го прави вработениот е за севкупниот успех на организацијата. Вработениот заедно со своите колеги работат за да се постигне определен резултат, односно да се остварат поставените цели. Иако секој вработен има свои работни задачи и можеби припаѓаат на различни сектори, сепак нивната работа е насочена кон остварување на целите на организацијата.

Менаџерите истражуваат најразлични начини за да ги подобрат бизнис резултатите како и профитабилноста. Многумина сметаат дека најдобар резултат се постигнува кога се вклучени сите вработени во креирањето на бизнис резултатите. Без разлика кои се Вашите обиди за подобрување – квалитетот, континуирано подобрување, одредено насочено производство, одредени работни тимови, сепак сето тоа е со цел да се подобрат производите и/или услугите кон клиентите. Денес организациите се одлучуваат за подобрување на тимската работа како еден сегмент за подобрување на услугата која што се нуди, а воедно се дава можност секој вработен да биде вклучен во постигнувањето на успехот кој го постигнува организацијата.

Градењето на тимовите вклучува 3 клучни чекори.

Групата треба да ги дијагностицира внатрешните проблеми, стресот кој постои на работното место и препреките кои што се појавуваат во групната ефикасност.
Групата мора да воспостави начини на решавање на идентификуваните проблеми на работното место. Внимание во текот на идентификувањето членовите на групата мора да ги идентификуваат проблемите, а не симптомите кои што се појавуваат како последица на некој постоечки проблем.
Групата мора одвреме-навреме да прави проценка на својата перформанса како и проценка на меѓучовечките односи во групата.

Успешните тимови кои што се адутот на успешните организации внимаваат на следните чекори:

-      Јасни очекувања. Менаџментот треба јасно да ги комуницира очекувањата на своите тимови. Пред сe, дали формираните работни тимови знаат зошто се формирани? Тимовите мора да ги имаат потребните човечки ресурси, време и пари кои што се потребни за ефективно реализирање на работните задачи.

-      Контекст. Знае ли секој член на тимот зошто токму тој е дел од конкретниот тим? Вработените треба да разбираат како употребата на тимовите ќе придонесе да се одржат и да се остварат организациските цели. И секако треба да знаат на каков начин се вклопува нивната работа со организациските принципи, вредности или визијата на организација.

-      Посветеност. Дали вработените сакаат да бидат дел од одреден работен тим или тоа едноставно им е наложено? Вработените треба да бидат спремни да се посветат на исполнување на целите и мисијата кои што ги има работниот тим и задачата која што треба да се реализира.

-      Компетентност. Една од најважните моменти за соодветно да профункционира тимот е сите членови да сметаат дека висинските луѓе се наоѓаат во тимот и дека не постојат одредени лица кои само се присутни, а  воопшто нема да придонесат во реализирање на поставените цели. При формирање на тимовите запрашајте се дали членовите на тимот ги поседуваат потребните знаења, вештини и капацитет кои што се потребни за успешно реализирање на задачата. Доколку немаат, дали постои начин на кој што за кратко време ќе можат да се стекнат со потребните знаења?

-      Соработка. Членовите на тимот мора да ги разберат улогите кои што ги имаат, процесите кои што треба да се реализираат, да го разберат постоењето на тимот, сe со цел да можат успешно да соработуваат помеѓу себе. За успешна соработка, тимовите мораат да имаат воспоставено одредени норми и правила на однесување кон кои што ќе се придржуваат. На таков начин тимовите ќе можат да се справуваат со најразличните проблеми на кои што ќе наидуваат во текот на работењето.

-      Последици. Дали членовите на тимот се чувствуваат обврзани и одговорни за постигнувањата на тимот? Кога формирате тимови во Вашата организација имајте во предвид дека треба да постои некаква награда или признание кое што би го добил вработениот затоа што бил вклучен во тимот или се сема во предвид во неговиот понатамошен кариерен развој. Односно каква корист има вработениот што бил дел од конкретниот тим. Меѓутоа при определувањето на наградите имајте во предвид покрај мерењето за успешно реализирање на работните задачи, односно постоењето на систем за награда за успешно реализиран проект на тимот, имајте и мерење на индивидуалната перформанса на членовите на тимот. Ова  е многу важно за да се избегнат одредени последици кои што можат да му се случат на еден тим. Односно, одреден член на тимот само да се провлекува и да не дава соодветен придонес за тимот, но на крајот како дел од тимот и тој да добие одредена заслуга. Ваквото однесување влијае и врз мотивацијата на останатите членови, што може да доведе до намалување на ефикасното работење на тимот и да се доведат во опасност  навременото извршување на работните задачи поради кои што е формиран самиот тим.

-      Развивање на комуникација која што го охрабрува меѓусебното почитување помеѓу вработените за придонесот кој го вршат за развојот и функционирањето на организацијата, како и желбата да се работи за добар тим.

-      Нагласување на целите на тимот. Секој треба да ги знае одговорностите на останатите вработени, бидејќи токму тоа помага во брзо решавање на настанати проблеми и справување со кризи

-      Охрабрување на интеракцијата помеѓу вработените и нивното меѓусебно поврзување