Дилеми и проблеми во системот на е_Даноци -09.01.2013
Бидејќи обврзниците и сметководителите се збунети по добиените одговори од УЈП во врска со регистрирањето и набавката на токени за системот на е-Даноци, сакаме да појасниме некои дилеми, почнувајќи од тоа дека има огромна разлика помеѓу одговорно лице на правното лице и одговорно лице што ја составува и потпишува завршната сметка, даночните биланси и другите финансиски извештаи кои се доставуваат до надлежните институции. Ова е јасно определено во член 476 со последните измени во ЗТД објавени со Службен весник на РМ број 166/26.12.2012 год. со примена од 16.03.2013 год. кои гласат:
“ (7) Годишната сметка и финансиските извештаи ги потпишува сметководителот односно овластениот сметководител кој ги составил, при што наведува датум на нивното составување и потпишување и регистарскиот број под кој е евидентиран во Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ,
(8) По потпишување на годишната сметка и финансиските извештаи од страна на лицето од ставот (7) на овој член, истите ги потпишува законскиот застапник на трговецот. “
Значи секое друго прифаќање е несвесно терање на сметководителите да се преставуваат лажно дека се овластени лица на фирмите чии деловни евиденции и книги ги водат. Сметководителот е овластено лице во правното лице кај себе односно во фирмата која води сметководство, меѓутоа тој не донесува бизнис одлуки за фирмите кои ги води, туку тоа е овластено лице на фирмата.
Исто така сакаме да напоменеме дека во Кривичниот законик има јасни одредби кои можат да се доведат во врска со оваа непотребна дилема, поради тоа цитираме два члена.
Член 280 став 1 “Тој што во деловна исправа, книга или спис, што е должен да го води врз основа на закон или друг пропис, ќе внесе невистинити податоци или не ќе внесе некој важен податок или со својот потпис или печат ќе завери деловна исправа, книга или спис со невистинита содржина или со својот поптис или печат ќе овозможи правење на исправа, книга или спис со невистинита содржина, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“
Член 379 став 1 гласи “Ќе се смета дека сторил дело фалсификување на исправа и ќе се казни според член 378:
3) тој што ќе издаде исправа од името на некое лице без негово овластување или од името на лице кое на постои;
Во електронските даночни пријави во системот на е-Даноци во УЈП, не се обезбедува разграничување на одговорноста на даночните пријави по кои евентуално би се утврдувала одговорноста, а да не спомнуваме дека ниеден сметководител нема посебно овластување во име на одговорното лице да се потпишува, ниту пак тоа е укажано од страната на УЈП. По многубројните укажувања на овој недостаток од УЈП и понатаму тврдат дека тоа не е така и инсистираат електронски потпис – токен да набават само светководителите, што е спротивно на горе наведените закони.
Нашето укажување е дека на обрасците кои се доставуваат електронски, треба да бидат наведени: овластеното друштво или сметководител со број на лиценца, пополнувач на обрасците (бидејќи имаме друштва кои имаат повќе сметководители и имаат овластено лице само за пополнување и доставување на електронски обрасци) и одговорно лице во правното лице (регистрирано во ЦР или евентуално ополномоштено лице од одговорното лице со полномошно оверено на нотар кое е доставено до УЈП).
Поради тоа до разрешување на дилемите и усогласување на системот за е-Даноци во УЈП со пропишаните закони предлагаме, сметководителите да ги повикаат одговорните лица на правните лица да си регистрираат електронски потпис, односно да си набават токен со кои ќе ги потпишуваат пропишаните обрасци.
No comments:
Post a Comment