Monday, July 2, 2012

ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА СМЕТКОВОДСТВО


                                       ПРЕДЛАГАЧ:
Владата  на Република Македонија


ПРЕТСТАВНИЦИ:

м-р Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии

Недим Рамизи, заменик на министерот за финансии


ПОВЕРЕНИЦИ:
Наташа Стојмановска, државен секретар во Министерството за финансии и

Ленче Тагасовска, раководител на Сектор во Министерството за финансии








П Р Е Д Л О Г- З А К О Н
за вршење на сметководствени работи























Скопје, мај  2012 година






ВОВЕД


I.       Оцена на состојбите и причини за донесување на законот

Во Република Македонија професијата сметководител до 2002 година беше регулирана со Законот за сметководството („Службен весник на Република Македонија бр. 42/93, 48/93, 6/95, 32/98, 39/99 и 70/01) според кој секој субјект имаше обврска водењето на сметководството да го довери на стручно лице-одговорен сметководител.

Во 2002 година Законот за сметководство беше укинат, така што во моментов сметководство на трговските друштва и на непрофитните организации вршат интерни служби или надворешни сметководители или сметководствени бироа. Критериумите за вршење сметководствени услуги не се законски дефинирани. Од друга страна, обврска да обезбеди стручно и квалитетно водење на сметководствените работи има законскиот претставник на правното лице, и тој самостојно одлучува на кој начин ќе ја утврди професионалната способност на сметководителот кој сака да го вработи односно да ги користи неговите услуги. Индивидуалниот начин на утврдување на професионалната способност на сметководителот во праксата не може да гарантира исти критериуми за признавање на припадноста на некое лице на сметководствената професија, и придонесува за неизвесен развој и унапредување на оваа професија.  Лицата кои вршат сметководствени работи немаат законска одговорност во поглед на правилното водење на сметководството, ниту обврска со потпис да ја потврдат точноста на годишната сметка и финансиските извештаи и нивната  усогласеност со законските одредби. Професионалната едукација и почитувањето на општо прифатените етички принципи на професијата, како потврда за висок квалитет на работење и на јавната доверба во професијата е самостоен избор на сметководителите.

Сметководителите и сметководствените бироа своите интереси ги остваруваат преку членување во здруженија односно комори. Здружувањето најчесто е на локално ниво, и не постои професионално тело кое на национално ниво ќе има надлежност да ја унапредува професијата, спроведува професионални испити, организира професионални обуки, следи примената на етичките стандарди и поведува дисциплински постапки.

Нерегулираните односи и непостоењето на правила при извршување на оваа професија доведува до нелојална конкуренција и до намалување на квалитетот и дисциплината во работата.

Имајќи го во предвид горенаведеното, се оцени дека е неопходно да се предложи Законот за вршење сметководствени работи.








II.         Цели, начела и основни решенија на предлогот на закон

Со донесување на Предлог законот за вршење сметководствени работи ќе се регулира сметководствената професија во Република Македонија.

Законот чие донесување се предлага се заснова врз следните начела:
-           законитост,
-           стручност и професионалност,
-           непристрасност,
-           независност и
-           транспарентност.

Со Предлог законот се утврдуваат критериумите кои физичките и правните лица треба да ги исполнат за да стекнат право да вршат сметководствените работи. Се пропишува постапката и условите за полагање на испит за стекнување на уверение за сметководител и овластен сметководител и се утврдува право трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото да можат да вршат сметководствени работи по добивање на лиценца за работа од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.

Податоците за вршителите на сметководствени работи, трговците поединци-сметководители, трговците поединци-овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи ќе бидат евидентирани во регистрите кои ќе бидат јавно достапни на веб страницата на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, и истите континуирано ќе се ажурираат.

Со цел обезбедување сметководствени услуги со висок квалитет во интерес на јавноста, сметководителите и овластените сметководители ќе имаат обврска континуирано професионално да се усовршуваат и нивното работење ќе биде предмет на контрола од страна на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија. Во случај на сторена повреда на Законот, организациските и оперативните акти на Институтот и Кодексот на етика на професионалните сметководители на IFAC против сметководителот односно овластениот сметководител ќе се поведе дисциплинска постапка и ќе се изрече дисциплинска мерка, а против трговските друштва кои вршат сметководствени работи ќе се поведе прекршочна постапка или постапка за одземање на лиценцата.

Заради унапредување и развој на сметководствената професија во Република Македонија со Предлог законот се дава основ за формирање на Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, како единствено професионално тело на национално ниво. Воедно, со Предлог законот се утврдуваат неговите надлежности, организациската поставеност, начинот на финансирање и надзорот на неговата работа од страна на Министерството за финансии.









III.        Оцена на финансиските последици од предлогот на закон врз Буџетот и другите јавни финансиски средства

Донесувањето на Предлог законот за вршење на сметководствени работи нема да предизвика финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија и другите јавни финансиски средства.



IV.       Процена на финансиските средства потребни за спроведување на законот и начинот на нивното обезбедување, како и податоци за тоа дали спроведувањето на законот повлекува материјални обврски за одделни субјекти

Спроведувањето на Предлог законот не повлекува обезбедување на финансиски средства но повлекува материјални обврски за одделни субјекти.
Физичките лица кои ги исполнуваат условите за добивање уверение за сметководител односно овластен сметководител ќе имаат обврска да уплатат надоместок за добивање на уверението.

Исто така, физичките лица ќе имаат обврска за полагање на испит за стекнување уверение за сметководител односно овластен сметководител да платат надоместок за полагање на испитот. Членовите на Институтот ќе имаат обврска за плаќање на годишна членарина и надоместок за континуирана професионална едукација.



V.        Потреба од донесување на подзаконски акти врз основа на овој закон

Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија има обврска да ги донесе сите подзаконски акти кои произлегуваат од законот.


































ПРЕДЛОГ- ЗАКОН ЗА ВРШЕЊЕ НА СМЕТКОВОДСТВЕНИ РАБОТИ


I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1
            Со овој закон се уредуваат условите на вршење сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи,  условите за стекнување со  статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето сметководствени работи.


Дефиниции

Член 2
            Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:

            1 .„Сметководствени работи“ се прибирање и обработка на податоци врз основа на сметководствени документи, подготовка и водeње трговски/деловни книги и составување на годишна сметка и/или финансиски извештаи во согласност со закон,    

2. „Обврзник за водење сметководство“ е физичко или правно лице кое има обврска да води трговски/деловни книги  и да составува и презентира годишна сметка и/или финансиски извештаи во согласност со закон,

            3. „Сметководител“ е физичко лице кое има уверение за сметководител од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија и кое е регистрирано во Регистарот на сметководители согласно овој закон,

            4. „Овластен сметководител“ е физичко лице кое има уверение за овластен сметководител од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија и кое е регистрирано во Регистарот на овластени сметководители согласно овој закон,

            5. „Стручен испит“ е испит кој се спроведува заради оценување на потребното стручно знаење за стекнување со статус на сметководител односно овластен сметководител,


            6. „Трговец поединец – сметководител“ е физичко лице кое е регистрирано  согласно Законот за трговските друштва за вршење сметководствени работи, има добиено уверение за сметководител и лиценца за работа од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија и е регистрирано во Регистарот на трговци поединци – сметководители согласно овој закон,

            7. „Трговец поединец – овластен сметководител“ е физичко лице кое е регистрирано согласно Законот за трговските друштва за вршење сметководствени работи, има добиено уверение за овластен сметководител и лиценца за работа од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија и е регистрирано во Регистарот на трговци поединци - овластени сметководители согласно овој закон,

            8. „Друштво за вршење сметководствени работи“ е трговско друштво кое е регистрирано согласно Законот за трговските друштва за вршење сметководствени работи, има добиено лиценца за работа од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија и е регистрирано во Регистарот на друштва за вршење сметководствени работи согласно овој закон,

            9. „Вршител на сметководствени работи“ е сметководител и/или овластен сметководител,

            10. „Регистар на сметководители“ е книга за евиденција во која се содржани податоците за сметководителите која се води во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија,

            11. „Регистар на овластени сметководители“ е книга за евиденција во која се содржани податоците за овластените сметководители  која се води во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија,

            12.„Регистар на трговци поединци - сметководители“ е книга за евиденција во која се содржани податоците за трговците  поединци - сметководители која се води во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија,

            13.„Регистар на трговци поединци - овластени сметководители“ е книга за евиденција во која се содржани податоците за трговците  поединци - овластени сметководители која се води во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија,

            14. „Регистар на друштва за вршење сметководствени работи“ е книга за евиденција во која се содржани податоците за друштва за вршење сметководствени работи која се води во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија,

            15. „Дисциплинска повреда“ е непостапување или постапување спротивно на одредбите од овој закон, законите со кои се регулира водењето на сметководството, Кодексот на етика за професионални сметководители на IFAC и актите на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија,

            16. „Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија“ е професионално здружение на сметководители и овластени сметководители  основано согласно овој закон,
           
17.„МСФИ“ се  Меѓународни стандарди за финансиско известување објавени во „Службен весник на Република Македонија“,

            18. „МСФИ за МСС“ се  Меѓународни стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти објавени во „Службен весник на Република Македонија“,

            19. „IFAC“ е Меѓународна федерација на сметководители,
           
20. „Континуирано професионално усовршување“ е постојано стручно усовршување со цел надградување на теоретските и практичните знаења и вештини заради професионално и ефикасно вршење на сметководствените работи.


Член 3
            (1) Сметководствените работи се вршат во согласност со овој закон, Законот за трговските друштва и Законот за сметководството за непрофитните организации.
           
            (2) Вршителот на сметководствени работи е должен да ги почитува Кодексот на етика за професионални сметководители на IFAC и актите на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.  



II. ИНСТИТУТ НА СМЕТКОВОДИТЕЛИ И ОВЛАСТЕНИ СМЕТКОВОДИТЕЛИ
  НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Член 4
            (1) Сметководителите и овластените сметководители на територијата на Република Македонија се организираат во Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (во понатамошниот текст: Институтот).
           
            (2) Институтот има својство на правно лице. Статусот на правно лице го стекнува со упис во Регистарот на други правни лица кој се води кај Централниот регистар на Република Македонија.
           
            (3) Седиштето на Институтот е во Скопје.

(4) Институтот формира подружници на територијален принцип за една или повеќе единици на локална самоуправа. Подружниците немаат својство на правно лице.

(5) Работите во врска со работењето на Институтот ги врши стручна служба на Институтот. Со стручната служба раководи секретар избран преку јавен оглас.


(6) Институтот има статут. Со статутот на Институтот особено се уредува: организацијата, управувањето, работењето, финансирањето и претставувањето на членовите во Собранието.

Член 5
(1) Органи на Институтот се Собрание, Надзорен одбор, Управен одбор и Претседател.              

(2) Заради вршење на работите од својот делокруг Институтот формира дисциплинска комисија, а може да формира и други постојани и времени комисии утврдени со статутот на Институтот.

(3) Членовите на органите и комисиите се избираат од редот на членовите на Институтот.

Член 6
            (1) Институтот особено ги врши следниве работи:
            1) води Регистар на сметководители, Регистар на овластени сметководители, Регистар на трговци поединци-сметководители, Регистар на трговци - поединци овластени сметководители и Регистар на друштва за вршење сметководствени работи,
2) врши контрола  на  работењето на вршителите на сметководствени работи, трговците поединци - сметководители и трговците поединци - овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи,
            3) организира и спроведува испит за стекнување на уверение за сметководител односно  уверение за овластен сметководител,
            4) издава уверение за сметководител и уверение за овластен сметководител,
5) издава и одзема лиценци за работа на трговците поединци – сметководители,  трговците  поединци - овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи,
6) одлучува по барањата за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,
7) организира и спроведува испит одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,
8) организира и спроведува обука за  континуирано професионално усовршување,
            9) ја следи примената на Кодексот на етика за професионални сметководители на IFAC,
            10) ги преведува МСФИ и МСФИ за МСС,
11) соработува со други соодветни професионални тела во Република Македонија и во странство и
12) врши други работи утврдени со овој закон.


Член 7
            (1) Собранието на Институтот го сочинуваат сите сметководители и овластените сметководители. Во Собранието сметководителите и овластените сметководители ги претставуваат избрани претставници од подружниците на Институтот.
           
            (2) Собранието на Институтот:
1) го донесува статутот на Институтот ,
2) ја утврдува висината на членарините,
3) ја утврдува висината на надоместоците за издавање на лиценци за работа,
4) ја донесува програмата за полагање на испит за добивање уверение за сметководител односно овластен сметководител,
5) ја донесува програмата за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,
6) ја утврдува висината на надоместокот за полагање на испит за сметководител односно  овластен сметководител,
7) ја утврдува висината на надоместокот за издавање уверение за овластен сметководител без полагање испит,
8) ја утврдува висината на надоместок за полагање испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство,
9) ги избира и отповикува претседателот и членовите на Надзорниот одбор и на комисиите,
10) ја донесува годишната програма за континуирано професионално усовршување,
11) го утврдува надоместокот за континуирано професионално усовршување,
12) ја донесува годишната програма за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи ,
13) ја донесува годишната програма за работа и развој и годишниот финансиски план на Институтот,
14) ги усвојува годишната сметка и годишниот извештајот за работа на Институтот,
15) одлучува за формирање и престанок на подружниците на Институтот,
16) го донесува актот со кој се утврдува висината на платите за вработените во стручната служба и
17) одлучува за други прашања согласно овој закон.

(3) Министерството за финансии дава согласност на актите од став (2) точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7), 8), 10), 11), 12), 13) и 14) од овој член.

(4) Собранието ги избира претседателот и членовите на Надзорниот одбор и на комисиите по пат на јавен оглас и по претходно добиено позитивно мислење од министерот за финансии.

(5) Во случај на отповикување на претседателот и членовите на Надзорниот одбор Собранието по можност веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на отповикувањето избира нов претседател и нови членови на Надзорниот одбор.

(6) Актите на Собранието се објавуваат на интернет страницата на Институтот наредниот ден од денот на усвојување односно донесување.

(7) Работата на Собранието се уредува со деловник за работа.


Член 8
(1) Собранието на Институтот редовно се состанува еднаш годишно, и тоа најдоцна до 31 март. Седниците на Собранието се одржуваат доколку присуствуваат најмалку половина од вкупниот број на избрани претставници од подружниците на Институтот. Одлуките Собранието ги носи со просто мнозинство од присутниот број на членови на седницата.

(2) Седниците на Собранието ги свикува Претседателот на Институтот врз основа на одлука на Управниот одбор или на писмено барање на најмалку една третина од избраните претставници од подружниците на Собранието на Институтот.

(3) Претседателот на Институтот ќе свика седница на Собранието во рок од 30 дена од донесувањето на одлуката на Управниот одбор, односно од поднесеното писмено барање на избраните претставници од подружниците на Собранието.

(4) Доколку Претседателот на Институтот не свика седница на Собранието во рокот утврден во став (3) на овој член, седницата ќе ја свика претседателот на Надзорниот одбор во рок од седум дена по истекот на рокот од став (3) на овој член.

(5) Доколку претседателот на Надзорниот одбор не свика седница на Собранието во рокот од став (4) на овој член, седницата ќе ја свика министерот за финансии. Седницата ја води работно претседателство од три члена избрани од присутните членови на седницата на Собранието. 


Член 9
(1) Надзорниот одбор го сочинуваат претседател и четири члена со мандат од три години.

(2) Членовите на Надзорниот одбор не можат да бидат членови на други органи и комисии на Институтот.

(3) Седниците на Надзорниот одбор ги свикува и со нив претседава претседателот на Надзорниот одбор.

(4) Доколку претседателот на Надзорниот одбор од кои било причини не е во можност да ја врши функцијата или е отсутен, со состаноците на Надзорниот одбор претседава член на Надзорниот одбор избран со мнозинство гласови на присутните членови на Надзорниот одбор.

(5) Надзорниот одбор одлуките ги донесува со јавно гласање и со мнозинство гласови од присутните  членови.

(6) Надзорниот одбор на Институтот:
1) врши периодични контроли на материјалното и финансиското работење на Институтот,
2) ги избира и отповикува претседателот и членовите на Управниот одбор по претходно позитивно мислење од министерот за финансии,
3) ја разгледува годишната програма за работа и развој и годишниот финансиски план на Институтот и дава мислење по истата до Собранието,
4) ја разгледува годишната сметка и годишниот извештај за работа  на Институтот и дава мислење по истата до собранието.
5) го одобрува деловникот за работа на Управниот одбор,
6) ги разгледува извештаите за работењето на Управниот одбор,
7) врши  контрола над работењето на Институтот согласно закон,  статутот и другите акти на Институтот,
8)предлага мерки кои треба да бидат преземени за спроведување и отстранување на неправилностите и незаконитостите во работата на Институтот,
9) поднесува извештај за своето работење до Собранието на Институтот и до министерот за финансии заради нивно информирање и
10) врши други работи согласно овој закон.
   
            (7) Во случај на отповикување на претседателот и членовите на Управниот одбор, Надзорниот одбор по можност веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на отповикувањето избира нов претседател и нови членови на Управниот одбор.


Член 10
(1)  Со Институтот управува Управен одбор.

            (2) Управниот одбор го сочинуваат претседател и четири члена со мандат од пет години.

(3) Управниот одбор на Институтот:

1) ја подготвува и предлага годишната програма за работа и развој на Институтот,
2) ја составува годишната сметка и годишниот извештај за работа на Институтот,
3) ја предлага висината на членарините,
4) ја предлага висината на надоместокот за издавање на лиценци за работа,
5) ја предлага висината на надоместокот за полагање на испит за сметководител односно овластен сметководител,
6) ја предлага висината на надоместокот за добивање уверение за овластен сметководител без полагање испит,
     7) ја предлага висината на надоместок за полагање испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство согласно член 16 од овој закон,
     8) одлучува за упис и бришење на членовите во регистрите на Институтот,
              9) ја предлага годишната програма за континуирано професионално усовршување,
10) ја предлага годишната програма за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи ,
11) ја предлага програмата за полагање на испитот за добивање уверение за сметководител односно овластен сметководител,
12) ја предлага програмата за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,
13) ги разгледува извештаите од извршената контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи и покренува дисциплинска постапка или поднесува барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд,
14) издава и одзема лиценци за работа,
15) ги предлага членовите на  комисиите,
16) го предлага актот со кој се утврдува висината на платите за вработените во стручната служба на Институтот,
17) одлучува за прием на донации,
18) се грижи за наплата на членарините,
19) ги извршува одлуките на Собранието на Институтот,
      20) го донесува етичкиот кодекс на Институтот,
      21) дава предлози и соработува со надлежните институции во врска со прописите од областа на сметководството и
22) врши други работи согласно овој закон.
           
(4) Седница на Управниот одбор свикува и со неа раководи претседателот на Управниот одбор. Седница на Управниот одбор може да се свика и на барање на две третини од вкупниот број членови на Управниот одбор.

(5) За полноважност на одлуките на Управниот одбор потребно е на седницата да присуствуваат најмалку две третини од вкупниот број членови на Управниот одбор. Одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови на Управниот одбор.

(6) Во случај на спреченост на претседателот неговите должности ги врши најстариот член на Управниот одбор.

(7) Одлуките на Управниот одбор се објавуваат на интернет страницата на Институтот.

(8) Управниот одбор на секои три месеци до Надзорниот одбор поднесува извештај за своето работење.

Член 11

                (1) Претседателот на Институтот истовремено е и претседател на Управниот одбор.
                                                                                                                                                                              
(2) Претседателот на Институтот:
1) го претставува и застапува Институтот,
              2) се грижи Институтот да работи согласно со закон,
              3) ги спроведува одлуките на Собранието на Институтот,
              4) потпишува налози за исплата од сметката на Институтот,
              5) одлучува по приговори по изречени мерки во дисциплинска постапка,
              6) ја извршува одлуката донесена во дисциплинска постапка и
   7) врши други работи предвидени со овој закон.

            (3) За претседател на Институтот може да биде избрано лице кое ги исполнува следните услови:
1) има звање овластен сметководител;
2)има најмалку пет години работно искуство во вршење на сметководствени работи и
3) е државјанин на Република Македонија.
           
(4) Мандатот на претседателот е пет години.

(5) Предлог за отповикување на Претседателот на Институтот до Надзорниот одбор поднесува најмалку половина од членовите на Управниот одбор или една петина од избраните претставници од подружниците на Собранието на Институтот.


Член 12
Регистарот на сметководителите, Регистарот на овластените сметководители, Регистарот на трговците поединци-сметководители, Регистарот на трговците поединци-овластени сметководители и Регистарот на друштвата за вршење сметководствени работи се чуваат трајно, а документите во врска со работењето на Институтот се чуваат десет години.



Член 13
            (1) Институтот средствата за финансирање на своето работење ги обезбедува од следните извори:
1) годишни членарини од вршители на сметководствени работи,
2)  надоместоци за издавање  на лиценци за работа,
3)надоместоци за полагање испит за стекнување уверение за сметководител и овластен сметководител,
4) надоместоци за издавање уверенија за овластен сметководител без полагање испит согласно член 16 од овој закон,
5) надоместоци за полагање испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство,
6) надоместоци од спроведување на континуираното професионално усовршување,
7) приходи од продажба на стручни публикации,
8) донации и
9)наплатени парични казни за изречени дисциплински мерки.

(2) Надоместоците од став (1) точки 2), 3), 4), 5) и 6) од овој член ќе се утврдат согласно реално направените трошоци за печатење и издавање на лиценците за работа,уверенијата за овластен сметководител без полагање на испит, за организирање на полагањето на испитите и за организирање на континуираното професионално усовршување.

(3) Институтот обезбедените средства од став (1) на овој член ги користи согласно годишниот финансиски план.

(4) Нереализираните средства од годишниот финансиски план за тековната години се пренесуваат во годишниот финансиски план за наредната година.



III. НАЧИН НА СТЕКНУВАЊЕ СО СТАТУС НА СМЕТКОВОДИТЕЛ И
                             ОВЛАСТЕН СМЕТКОВОДИТЕЛ И КОНТИНУИРАНО
                                         ПРОФЕСИОНАЛНО УСОВРШУВАЊЕ 

Член 14
            Со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за сметководител или овластен сметководител. 

Член 15
(1) Лицето кое сака да се стекне со статус на сметководител или овластен сметководител до Институтот поднесува писмено барање за полагање на испит.

(2) Кон барањето за полагање на испит за стекнување уверение за сметководител задолжително се доставува:
1)  доказ (уверение) за завршено средно економско образование и
 2) доказ за уплата на надоместокот за полагање на испитот.

(3) Кон барањето за полагање на испит за стекнување уверение за овластен сметководител задолжително се доставува:
1) уверение за завршено високо образование од областа на економијата или бизнисот,
            2) потврда од Агенцијата за вработување за работен стаж,
3) потврда од работодавач за најмалку три години работно искуство во вршење на сметководствени работи и
4) доказ за уплата на надоместокот за полагање на испитот.

            (4) Документите од ставовите (2) и (3) на овој член се доставуваат во оригинал или во копија заверена на нотар.
                       
(5) На лицата кои го положиле испитот за стекнување уверение за сметководител односно овластен сметководител Институтот им издава уверение за сметководител односно овластен сметководител во рок од 15 дена од денот кога го положиле испитот.

             (6) Формата и содржината на барањето од став (1) на овој член како и формата и содржината на уверението за сметководител односно овластен сметководител ги пропишува министерот за финансии.

Член 16
            (1) По исклучок на член 14 од овој закон лицето кое добило лиценца за овластен ревизор може да се стекне со статус на овластен сметководител без полагање испит за овластен сметководител на начин и услови утврдени со овој закон.

            (2) Лицето од став (1) на овој член за стекнување на статус овластен сметководител до Институтот е должно да достави барање и:
1)лиценца за овластен ревизор во оригинал или копија заверена на нотар и
2)доказ за платен надоместок за издавање уверение за овластен сметководител.

(3) Институтот на лицето од став (1) на овој член му издава уверение за овластен сметководител во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето.

            (4) Овластениот ревизор кој стекнал уверение за овластен сметководител неможе истовремено да врши работи на овластен сметководител и на овластен ревизор.

Член 17
(1) Сметководствени работи во Република Македонија може да врши и лице, државјанин на Република Македонија кое има стекнато квалификација за сметководител односно овластен сметководител во странство доколку:

1) професионалната квалификација стекната во странство е соодветна на професионалната квалификација стекната согласно овој закон  и
2) успешно го положи испитот спроведен од Институтот со кој се обезбедува дека има адекватно знаење од областа на законската регулатива во Република Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи.

            (2) Лицето од став (1) на овој член барањето и потребната документација за стекнување со статус на сметководител односно овластен сметководител ги доставува до  Институтот,  а  ги одобрува Управниот одбор на Институтот.

 (3) Кон барањето од став (2) на овој член се приложуваат следните документи:

            1) диплома за завршено образование и
            2)документ издаден од надлежен орган за професионалната квалификација на лицето и
            3) доказ за уплатен надоместок за полагање на испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство.

(4) Документите од став (3) на овој член лицето ги доставува во оригинал или копија заверена на нотар односно во нотарски заверен превод.

(5) Институтот во случај на неуредно или нецелосно доставено барање има обврска во рок од пет дена по приемот на барањето да го извести лицето за неуредноста или нецелосноста на барањето, а по потреба може да побара и дополнителни докази.

(6) Во текот на постапката Институтот може да побара мислење од надлежната комора или друг професионален орган или организација во државата во која ја стекнал професионалната квалификација во врска со поднесеното барање.

(7) Мислењето добиено од комората или друг професионален орган или организација не е задолжително за Институтот.

(8) Доколку барањето на лицето е уредно и целосно и доколку лицето ги исполни условите од став (1) на овој член Институтот му издава уверение за сметководител или овластен сметководител и го запишува во соодветниот регистар.

Член 18
            (1)Лицето кое добило уверение за сметководител односно овластен сметководител стекнува право за вршење сметководствени работи со уписот во Регистарот на сметководители односно Регистарот на овластени сметководители.

            (2) Уписот во регистрите од став (1) на овој член врши Институтот врз основа на писмено барање поднесено на пропишан образец кон кое задолжително се  приложуваат следните документи:
1) уверение за сметководител односно овластен сметководител во копија,
2) потврда од Централен Регистар на Република Македонија дека не му е изречена мерка забрана за вршење на професија, дејност или должност, во оригинал или копија заверена на нотар и
3) доказ за уплата на членарина.

            (3) Институтот е должен да го изврши уписот во регистарот од став (1) на овој член во рок од два дена од денот на поднесување на комплетното барање.

            (4) Формата и содржината на барањето од став (2) на овој член ја пропишува министерот за финансии.

            (5) Лицето од став (1) на овој член барањето за упис во регистарот го поднесува во рок од 60 дена од денот на стекнување на уверението за сметководител односно овластен сметководител, во спротивност истото го губи правото на упис во регистарот.


Член   19
(1) Заради надградување на знаењето во областа на сметководството сметководителите се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 90 часа за период од три години, при што најмалку 20 часа во текот на една година.

(2) Заради надградување на знаењето во областа на сметководството овластените сметководители се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 120 часа за период од три години, при што најмалку 30 часа во текот на една година. 

            (3) Обуката од ставовите (1) и (2) на овој член ја организира и спроведува Институтот самостојно или во соработка со други правни лица кои најмалку три години спроведуваат стручно усовршување и едукација од областа на сметководството, финансиите или даноците.


IV.ВРШЕЊЕ СМЕТКОВОДСТВЕНИ РАБОТИ

Член 20
(1) Сметководствени работи врши сметководител и/или овластен сметководител кој добил уверение од Институтот и е регистриран во соодветниот регистар на Институтот.

(2) Сметководителот води трговски/деловни книги за сите обврзници за водење на сметководство и составува и потпишува годишна сметка за трговци поединци и здруженија и фондации.

(3) Овластениот сметководител води трговски/деловни книги и/или  составува и потпишува годишна сметка и/или финансиски извештаи за сите обврзници за водење на сметководство.

(4) За вршење на сметководствени работи за свои потреби обврзникот за водење сметководство може да вработи сметководител и/или овластен сметководител или со договор за вршење на сметководствени работи да ангажира трговец поединец – сметководител, трговец-поединец овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи.

(5) Трговец поединец – сметководител врши сметководствени работи за трговци поединци и здруженија и фондации.

(6) Трговец поединец - овластен сметководител врши сметководствени работи за трговци поединци, здруженија и фондации и други непрофитни организации и друштва со ограничена одговорност.

(7) Друштво за вршење на сметководствени работи врши сметководствени работи за сите обврзници за водење на сметководство.

(8) Друштвото за вршење сметководствени работи мора да има вработено најмалку два сметководители и еден овластен сметководител.
Член 21
(1) Трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи може да врши сметководствени работи по добивање на лиценца за работа од Институтот и запишување во соодветниот регистар.

(2) За добивање лиценца за работа трговецот поединец односно трговското друштво до Институтот поднесува писмено барање на пропишан образец. Кон барањето задолжително се приложува:
1) решение за упис во Трговскиот регистар кај Централниот регистар на Република Македонија,
2) список на лица вработени како сметководители и овластени сметководители со регистарски број под кој се запишани во соодветниот регистар кај Институтот,
3) потврда од Централен регистар на Република Македонија дека не  е евидентиран во Регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење на одделна дејност,
4) потврда од Централниот регистар на Република Македонија дека не е евидентиран во Регистарот на споредни казни за сторени кривични дела на правни лица кај Централниот регистар на Република Македонија,
5)доказ за годишно осигурување од штета при вршење на професионална дејност (сметководствени работи), и тоа:
-за трговец поединец-сметководител на износ од 2.000 евра во денарска противвредност,
-за трговец поединец-овластен сметководител на износ од 5.000 евра во денарска противвредност и
-за друштво за вршење сметководствени работи на износ од  20.000 евра во денарска противвредност и
6) доказ за уплатен надоместок за издавање лиценца за работа.

(3) Документите од став (2) на овој член се доставуваат во оригинал или во копија заверена на нотар.

(4) Институтот е должен да издаде лиценца во рок од 15 дена од денот на поднесување на комплетното барање.

(5) Институтот со решение го одбива барањето за издавање лиценца доколку барањето е некомплетно или не се исполнети условите од став (2) на овој член и член 20 став (8) од овој закон. Решението со кое се одбива барањето мора да биде образложено.

(6) Против решението од став (5) на овој член трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи имаат право на жалба до министерот за финансии.

(7) Формата и содржината на барањето од став (2) на овој член ги пропишува министерот за финансии.


Член 22
            (1) Упис во регистарот на трговци поединци-сметководители, регистарот на трговци поединци-овластени сметководители и регистарот на друштва за вршење сметководствени работи врши Институтот врз основа на писмено барање на пропишан образец кон кое задолжително се приложува копија од лиценцата за работа.

(2) Институтот е должен да го изврши уписот во соодветниот регистар од став (1) на овој член во рок од два дена од денот на поднесување на барањето.

(3) Формата и содржината на барањето од став (1) на овој член ја пропишува министерот за финансии.                                                                                                                                                     

Член 23
 Трговецот поединец - сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи се должни најдоцна до 31 јануари во тековната година да му достават на Институтот список на лица вработени како сметководители и овластени сметководители со регистарски број под кој се запишани во соoдветниот регистар кај Институтот и доказ за годишно осигурување од штета при вршење на професионална дејност во износ утврден во член 21 став (2) точка 5) од овој закон.

Член 24
  (1) Институтот со решение ја одзема лиценцата на трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи ако:
            1) лиценцата е издадена врз основа на неточни податоци,
            2) повеќе не се исполнети условите врз основа на кои е издадена лиценцата,
3) е покрената стечајна постапка или се спроведува ликвидација на друштвото  и
4) трајно се избрише од соодветниот регистар.

(2) Против решението од став (1) на овој член трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи имаат право на жалба до министерот за финансии.


Член 25
            (1) За вршење на сметководствени работи се склучува договор во писмена форма со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски меѓу обврзникот за водење сметководство и трговецот поединец односно друштвото за вршење сметководствени работи.

            (2) Трговецот поединец односно друштвото за вршење сметководствени работи не смее договорените работи да ги отстапи на друг трговец поединец односно друштво за вршење сметководствени работи.
           
Член 26
            Сметководителот односно овластениот сметководител е должен да ја чува класифицираната информација со соодветен степен на тајност која ја дознал во текот на вршењето на сметководствените работи согласно Законот за класифицирани информации, како и да ги заштити личните податоци кои ги дознал во текот на вршењето на сметководствените работи согласно Законот за заштита на личните податоци.

Член 27
Сметководствени работи може да врши и странско физичко или правно лице од државите членки на Европската унија кое ги исполнува условите за вршење сметководствени работи во земјата во која е регистрирано.



Член 28
            (1) Сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител  односно друштвото за вршење сметководствени работи се независни и самостојни во вршењето на сметководствените работи.

            (2) Сметководствени работи не може да врши:
1)сметководител односно овластен сметководител кој е член на орган на управување или акционер односно вложувач кај обврзникот за водење сметководство,
2)трговец поединец-сметководител, трговец поединец-овластен сметководител односно друштво за вршење сметководствени работи кој е акционер или вложувач  кај обврзникот за водење сметководство,
3)трговец поединец-сметководител, трговец поединец-овластен сметководител односно друштво за вршење сметководствени работи во кој обврзникот за водење сметководство е акционер, вложувач или основач.



V. РЕГИСТРИ

Член 29
            (1) Институтот води Регистар на сметководители, Регистар на овластени сметководители, Регистар на трговци поединци - сметководители, Регистар на трговци - поединци овластени сметководители и Регистар на друштва за вршење сметководствени работи.
           
(2) Регистарот на сметководители и Регистарот на овластени сметководители, особено ги содржи следниве податоци:
1) име и презиме и регистарски број на сметководителот односно овластениот сметководител,
2) датум на упис во регистарот,
3)назив, седиштето и контакт податоци на правниот субјект каде е вработен сметководителот односно овластениот сметководител и
4) изречени дисциплински мерки.
           
(3) Регистарот на трговци поединци - сметководители, Регистарот на трговци поединци - овластени сметководители и Регистарот на друштва за вршење сметководствени работи, особено ги содржи следниве податоци:
1) назив, седиште, контакт податоци и регистарски број на трговецот поединец - сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи,
2) датум на упис во регистарот и
3) изречени дисциплински мерки.
           
(4) Сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец - сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи се должни да го известат Институтот за сите промени во врска со податоците содржани во регистарот во рок од 15 дена од денот на настанувањето на промената.
           
(5)  Институтот податоците од регистрите од став (1) на овој член ги објавува на својата веб страница, и истите континуирано ги ажурира.




Член 30
            (1) Сметководителот односно овластениот сметководител се брише од соодветниот регистар:
1) на сопствено барање,
2) доколку при уписот во регистарот дал невистините податоци,
3) доколку професионално не се усовршува,
4) доколку не ја плати годишната членарина,
5)доколку е осуден со правосилна судска пресуда во врска со работењето,
6)доколку му се изрече прекршочна санкција забрана за вршење на професија или дејност,
7)ако му е одземена деловната способност и
8)во случај на смрт на сметководителот односно овластениот сметководител.

(2) Со бришење од регистарот сметководителот односно овластениот сметководител го губи правото за вршење на сметководствени работи, и тоа:
   1) трајно во случаите од став (1) точки 1), 2) и 7)  на овој член,
2) за период од три години во случаите од став (1) точки 3) и 4) на овој член и
3) за периодот додека траат правните последици на судската пресуда односно додека трае забраната во случајот од став (1) точки 5) и 6).

(3) За бришење од соодветниот регистар Управниот одбор на Институтот донесува решение, кое треба да биде образложено.

(4) Против решението од став (3) на овој член сметководителот односно овластениот сметководител  има право на жалба до министерот за финансии.


Член 31
            (1) Трговецот поединец – сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи се брише од соодветниот регистар:
1) на сопствено барање,
2) со одземање на лиценцата за работа и
3) доколку е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија или дејност.

(2) Со бришење од регистарот трговецот поединец – сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи го губи правото за вршење на сметководствени работи, и тоа:
1) трајно во случаите од став (1) точки 1) и 2) на овој член и
2)за периодот додека трае забраната во случајот од став (1) точка 3) на овој член.

(3)За бришење од соодветниот регистар Управниот одбор донесува решение, кое треба да биде образложено.

 (4)Против решението од став (3) на овој член трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и  друштвото за вршење сметководствени работи имаат право на жалба до министерот за финансии.

            (5) За бришење на трговецот поединец – сметководител,  трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи од соодветниот регистар Управниот одбор по службена должност го известува Централниот регистар на Република Македонија.

VI. ДИСЦИПЛИНСКА  ПОСТАПКА
Член 32
            (1) Дисциплинска  постапка води дисциплинска комисија.
           
            (2) Дисциплинската комисија е составена од пет члена со мандат од две години.

            (3) Дисциплинска постапка против вршител на сметководствени работи се поведува на барање на Управниот одбор или по поднесена пријава од член на Институтот, освен од членовите на дисциплинската комисија, државен орган, правниот субјект каде е вработен сметководителот односно овластениот сметководител,  како и други физички и правни лица за кои сметководителот односно овластениот сметководител вршел сметководствени работи.

            (4) За сторена дисциплинска повреда на вршител на сметководствени работи дисциплинската комисија може да му ги изрече следниве дисциплински мерки:
1) јавна опомена,
2) парична казна,
3) времено бришење од соодветниот регистар на Институтот и
                  4) трајно бришење од соодветниот регистар на Институтот. 

            Член 33
            Дисциплинската мерка јавна опомена ќе му се изрече на сметководител односно овластен сметководител, ако:
             1) не ги чува на соодветен и правилен начин трговските/деловните книги и останатата сметководствена документација утврдена со закон,
2) не присуствува на седниците на органите на подружницата на Институтот и/или на седниците на органите на Институтот без писмено оправдание или претходна најава,
            3) со своето однесување го нарушува угледот на сметководствената професија и
            4) одбива или несовесно ги исполнува обврските определени со статутот и актите на Институтот.

Член 34
            Дисциплинската мерка  парична казна во висина на една просечна месечна нето плата исплатена по вработен во Република Македонија за месецот во кој е изречена дисциплинската мерка, ќе му се изрече на сметководителот односно овластениот сметководител кој ќе ја повтори повредата за која претходно му била изречена дисциплинска мерка јавна опомена.

Член 35
            Дисциплинската мерка времено бришење од соодветниот регистар во траење од три години ќе му се изрече на сметководител односно овластен сметководител, ако:
            1) не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон,
            2) не го извести Институтот за сите промени во врска со податоците содржани во соодветниот регистарот во согласност со овој закон и
            3)предизвика материјална штета на субјектот каде е вработен при вршењето на сметководствените работи.

Член 36
            Дисциплинската мерка трајно бришење од соодветниот регистар ќе му се изрече на сметководител односно овластен сметководител за:
            1)повреда на пропис за водење сметководство со што сериозно се загрозува објективноста на трговските/деловните книги кои ги води односно на годишната сметка и/или финансиските извештаи,
            2)вршење сметководствени работи за времетраењето на временото исклучување од членство или на друг начин избегнување на мерката времено одземање на правото за вршење сметководствени работи,
            3) примање на подароци или друг вид корист или поставување на личниот
финансиски интерес во судир со положбата и статусот на вршителот на сметководствени работи,
            4) оддавање класифицирана информација со степен на тајност определена согласно закон,
            5) одбивање да даде податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон и
            6) давање неточни податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон.

Член 37
            (1) Доколку во водење на дисциплинската постапка, Дисциплинската комисија стекне сознанија дека е извршено кривично дело за дејствијата за кои се води постапката, ќе ја прекине постапката и ќе поднесе пријава до надлежниот орган за постапување.
           
(2) Доколку во водење на дисциплинската постапка, дисциплинската комисија стекне сознанија за корупција на вршител на сметководствени работи, ќе ја прекине постапката и ќе поднесе пријава до надлежниот орган за постапување .

Член 38
            (1) Против одлуката на дисциплинската комисија со која се изрекува дисциплинска мерка, вршителот на сметководствени работи има право на приговор до Претседателот на Институтот во рок од 10 дена од денот на доставување на одлуката.

            (2)  Претседателот на Институтот е должен да одговори по приговорот од став (1) на овој член во рок од пет дена од денот на поднесување на приговорот.

Член 39
            (1) Одлуката донесена во дисциплинска постапка ја извршува Претседателот на Институтот и истата се објавува на веб страната на Институтот и се запишува во соодветниот регистар на Институтот.
           
(2) Дисциплинската мерка од член 32 став (4) точка 1) се брише од соодветниот регистар на Институтот по истекот на една година од нејзиниот упис.

(3) Дисциплинската мерка од член 32 став (4) точка 2) се брише од соодветниот регистар на Институтот по истекот на две години од нејзиниот упис.

(4) Дисциплинската мерка од член 32 став (4) точка 3) се брише од соодветниот регистар на Институтот по истекот на три години од нејзиниот упис.


VII. КОНТРОЛА НА РАБОТЕЊЕТО

Член 40
(1) Контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец – сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи (во натамошниот текст: субјекти на контрола) врши Институтот.

(2) Контролата од став (1) на овој член опфаќа  проверка на:
            1) усогласеноста на работењето со одредбите на овој закон и законите и подзаконските прописи со кои се регулира водењето на сметководството  и
2) усогласеноста на нивното работење со актите на Институтот  за исполнување на барањата на Кодексот на етика за професионалните сметководители на IFAC.
           
(3) Контролата се врши согласно годишната програма на Институтот за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец – сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи  или на барање на заинтересирани страни.
           
(4) Контролата од став (1) на овој член се спроведува на објективен и независен начин и со постапка која исклучува судир на интереси меѓу лицето кое ја спроведува контролата и субјектот на контрола.
           
(5) Контролата  од став (1) на овој член ја вршат овластени сметководители вработени во стручната служба на Институтот со најмалку пет години работно искуство во вршењето на сметководствени работи.
           
(6) Лицето одговорно за контрола составува извештај за извршената  контрола во кој ги наведува своето мислење, утврдените неправилности и незаконитости, препораките за корективни дејства и рокот за отстранување на утврдените неправилности и незаконитости.

(7) Извештајот од став (6) на овој член се доставува до субјектот на контрола кој има право на приговор во рок од пет дена од денот на приемот на Извештајот. Управниот одбор одлучува по приговорот во рок од  пет дена од денот на приемот.

(8)  Субјектот на контрола е должен во рокот определен во извештајот од став (6) на овој член да ги отстрани утврдените неправилности и незаконитостите и до Институтот да поднесе извештај во кој ќе ги опише преземените мерки и ќе приложи документи и докази за отстранување на неправилностите и незаконитостите.

(9) По истекот на роковите од став (7) на овој член  Извештајот за извршената контрола се објавува на веб страницата на Институтот.


Член 41
            Врз основа на извештајот од спроведената контрола од член 40 на овој закон, Управниот одбор на Институтот ги презема следните мерки:

1) покренува дисциплинска постапка против сметководителот и/или овластениот сметководител и
2)поднесува  барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд.


VIII. НАДЗОР

Член 42
Надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон врши Министерството за финансии.

                                                            Член 43
(1) Надзор над работењето на Институтот врши Министерството за финансии.

(2) За спроведениот надзор од став (1) на овој член се составува записник во кој се наведуваат  констатираните неправилности и незаконитости во однос на работењето на Институтот  и се даваат препораки и рокови за нивно отстранување.

(3) Доколку во рокот определен во записникот од став (2) на овој член не се отстранат утврдените неправилности и незаконитостите и не се постапи во согласност со член 9 став (6) точки 1), 2), 7) и 9) министерот за финансии дава предлог за отповикување на претседателот и членовите на Надзорниот одбор до Собранието на Институтот.

(4) Доколку во рокот определен во записникот од став (2) на овој член не се отстранат утврдените неправилности и незаконитостите и не се постапи во согласност со член 10 став (3) точки 10), 11), 12), 13) и 19), министерот за финансии дава предлог за отповикување на претседателот и членовите на  Управниот одбор до Надзорниот одбор.


IX. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 44
 Глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на сметководителот односно овластениот сметководител, ако:
1) ја прекрши обврската за заштита на тајноста на податоците (член 26),
2) врши сметководствени работи спротивно на член 28 став (2) точка 1 ),
3) не го извести Институтот во согласност со член 29 став (4) и
4)не ги отстрани утврдените неправилности и незаконитости  во согласност со член 40 став (8).


Член 45
(1) Глоба во износ од  3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец - поединец сметководител, трговецот - поединец овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи, ако:
1) врши сметководствените работи во спротивност со член 20 ставови (5) (6) и (7),
2) не го исполнува условот од член 20 став (8) односно доколку сметководствените работи ги вршат лица кои не се сметководители и/или овластени сметководители,
3) не постапи во согласност со член 23,
4) не склучи договор согласно член 25 став (1),
     5)вршењето на сметководствени работи го отстапи на друг трговец поединец односно друштво за вршење сметководствени работи (член 25 став 2),
6) ја прекрши обврската за заштита на тајноста на податоците (член 26),
7) врши сметководствени работи кај обврзник за водење сметководство во спротивност на член 28 став (2) точки 2) и 3),
8) не го извести Институтот во согласност со одредбата од член 29 став  (4) и
9) не ги отстрани утврдените неправилности и незаконитости  во согласност со член 40 став  (8).

            (2) За прекршокот од став (1) на овој член со глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во друштвото за вршење сметководствени услуги.

Член 46
            (1) Глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на Институтот, ако:
1) не побара согласност од Министерството за финансии во согласност со член 7 став (3) од овој закон,
2) не ги објавува актите на Собранието на начин пропишан со член 7 став (5) од овој закон,
3) не го изврши уписот во регистарот согласно член 18 став (3),
4) не издаде лиценца согласно член 21 став (4),
5) не го изврши уписот во регистарот согласно член 22 став (2) и
6) не ги отстрани утврдените неправилности и незаконитости согласно со член 43 став (3).
           
(2) За прекршоците од став (1) на овој член глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на Претседателот на Институтот.


                                                                   Член 47
(1) За прекршоците утврдени во членовите 44, 45 и 46 од овој закон прекршочна постапка води надлежен суд.

 (2) Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка за прекршоците предвидени со овој закон ќе се поведе постапка за порамнување согласно Законот за прекршоците.



X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 48
(1) Лицето кое до влегувањето во сила на овој закон вршело сметководствени работи може да поднесе барање за добивање уверение за сметководител во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, ако:
           
            1) има средно образование и најмалку три  години работно искуство во вршење на сметководствени работи или
            2) има вишо образование (прв степен) и најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи или
            3) има високо образование и најмалку една година работно искуство во вршење на сметководствени работи.

            (2) Кон барањето од став (1) на овој член задолжително се доставува:
            1)  доказ (уверение) за завршено образование,
            2) потврда од Агенцијата за вработување за работен стаж,
3)потврда од работодавач за работно искуство во вршење на сметководствени работи и
            4) доказ за уплата на надоместокот за добивање уверение за сметководител.
           
Член 49
(1)Лицето кое до влегувањето во сила на овој закон вршело сметководствени работи може да  поднесе барање за добивање уверение за овластен сметководител во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, ако

            1)има средно образование и најмалку десет години работно искуство во вршење на сметководствени работи или
            2)има вишо образование (прв степен) и најмалку  осум  години работно искуство во вршење на сметководствени работи или
            3)има високо образование и најмалку три години работно искуство во вршење на сметководствени работи.          

            (2) Кон барањето од став (1) на овој член задолжително се доставува:
1) уверение за завршено образование,
            2) потврда од Агенцијата за вработување за работен стаж,
3) потврда од работодавач за работно искуство во вршење на сметководствени работи и
4)доказ за уплата на надоместокот за добивање уверение за овластен сметководител.

            (3) Лицата од став (1) точки 1) и 2) на овој член имаат право да полагаат испит за овластен сметководител доколку поднесат барање во рокот на важноста на уверението од член 50 став (3) на овој закон, во спротивност го губат правото за полагање на испитот за овластен сметководител.

Член 50
(1) Барањата од членовите 48 и 49 се поднесуваат до Министерството за финансии.

(2) Министерството  за финансии уверенијата од член 48 став (1) и член 49 став (1) на овој закон ги издава во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето од став (1) на овој член.

            (3) Уверенијата од член 48 став (1) и член 49 став (1) се со важност од 12 месеци од денот на издавањето.

            (4) По истекот на рокот од став (3) на овој член лицето кое добило уверение за сметководител или овластен сметководител согласно член 48 односно член 49 од овој закон нема право да врши сметководствени работи доколку не го положи испитот за сметководител или овластен сметководител согласно овој закон.

            (5) Министерството за финансии води евиденција за издадените уверенија  од член 48 став (1) и член 49 став (1) на овој закон,  која особено содржи податоци за:
            1) бројот на издаденото уверение,
            2)датумот на издавање на уверението,
            3)датумот на истек на важноста на уверението,
            4)видот на уверението, 
            5) лични податоци на подносителот на барањето
            6) образование на подносителот на барањето и
            7) работно искуство на подносителот на барањето.


Член 51
            (1) До основање на Институтот подготвителните работи во врска со отпочнување на неговата работа ќе ги врши комисија  формирана од министерот за финансии.

            (2) Комисијата од став (1) на овој член е составена од претседател и десет члена. Претседателот и пет члена се од Министерството за финансии и пет члена се од лицата на кои министерот за финансии им издал уверение за овластен сметководител.

            (3) Комисијата од став (1) на овој член ги подготвува актите за основачкото собрание на Институтот.

            (4) Основачкото собрание на Институтот на кое ќе се изберат органите и ќе се одобрат сите акти на Институтот ќе се одржи во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

            (5) Основачкото собрание на Институтот го свикува министерот за финансии и со него раководи претседателот на комисијата од став (1) на овој член. 


Член 52
            Управниот одбор на Институтот ќе се избере во рок од 15 дена од денот на одржување на основачкото собрание.


Член 53
(1) Регистарот на сметководители, Регистарот на овластени сметководители, Регистарот на трговци поединци - сметководители, Регистарот на трговци поединци - овластени сметководители и Регистарот на друштва за вршење сметководствени работи ќе се воспостават во рок од четири месеци од основањето на Институтот.

(2) Вршителите на сметководствени работи кои добиле уверение од министерот за финансии се должни да поднесат барање за запишување во соодветниот регистар во рок 15 дена од денот на воспоставување на регистрите.

            (3) Постојните правни лица кои се регистрирани за вршење сметководствени работи,се должни да се усогласат со одредбите на овој закон  и да поднесат барање за запишување во соодветниот регистар  во рок од шест месеци од денот на основање на Институтот.
           

Член 54
Првиот испит за стекнување на уверение за сметководител односно овластен сметководител ќе се спроведе во рок три месеци од денот на основање на Институтот.

Член 55
            Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 56
Одредбата од членот 27 од овој закон ќе започне да се применува по пристапување  на Република Македонија во Европската Унија.

Член 57
            Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
             








ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ – ЗАКОНОТ

I.          Објаснување на содржината на одредбите на предлогот на законот

Одредбите на Предлог законот за вршење сметководствени работи се систематизирани во 10 тематски целини (глави) во вкупно 57 члена.

Одредбите од Главата I. Општи одредби го дефинираат предметот на уредување на Предлог законот, дефинициите на одделни поими и кратенки употребени во Предлог законот и прописите кои треба да се почитуваат при вршењето на сметководствените работи .

Главата II. Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, ги содржи членовите од 4 до 13 со кои се дава основ за формирање на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија и се дефинираат делокругот на неговите активности, организациската поставеност, работите кои органите на Институтот имаат законско право и обврска да ги вршат и начинот на финансирање на работата на Институтот.

Институтот се основа како професионално тело на сметководителите и овластените сметководители заради подигнување на стандардот на сметководствената професија и заштита на интересите на неговите членови.

Работите на Институтот на територијата на Република Македонија ќе се вршат преку подружници формирани на територијален принцип за една или повеќе единици на локална самоуправа. Подружниците на Институтот ќе немаат својство на правно лице.

Работите во врска со работењето на Институтот ќе ги врши стручна служба под раководство на секретар.

Делокругот на работа на Институтот особено опфаќа, организирање и спроведување испит за добивање уверение за сметководител и овластен сметководител, издавање на лиценци за работа на правни лица, водење на јавни регистри на физичките и правните лица кои стекнале право да вршат сметководствени работи, организирање и спроведување на континуирана професионална едукација, контрола на работата на физичките и правните лица кои вршат сметководствени работи.

Органи на Институтот се: Собрание, Надзорен одбор, Управен одбор и Претседател. Тела на Институтот се дисциплинска комисија и други постојани и времени комисии утврдени со статутот на Институтот. Сите членови на органите и телата на Институтот ќе се избираат од редовите на членството на Институтот.

Собранието е највисок орган на Институтот и го сочинуваат сите сметководители и овластени сметководители преку избрани претставници од подружниците на Институтот.

Собранието ги усвојува оперативните и организациските акти на Институтот врз основа на претходна согласност добиена од Министерството за финансии.
Надзорниот одбор е задолжен за спроведување на контрола на материјалното и финансиското работење на Институтот, додека управувањето со работите на Институтот ќе го врши Управен одбор.

Претседателот на Управниот одбор истовремено е и Претседател на Институтот, со обврска да го претставува и застапува Институтот и да се грижи за неговото законско работење.

Средствата за финансирање на работата, Институтот ги обезбедува преку наплата на надоместоци за активностите кои ги врши.  Остварените финансиски средства Институтот ги користи само за извршување на работите од својот делокруг.

Главата III. Начин на стекнување со статус сметководител и овластен сметководител и континуирано професионално усовршување, ги содржи членовите од 14 до 19 и ги уредува критериумите и постапката за стекнување уверение за сметководител односно овластен сметководител, постапката за упис во регистарот на сметководители односно овластени сметководители, обврската на вршителите на сметководствени работи за континуирано професионално усовршување и постапката за признавање на професионална квалификација стекната во странство.
 За полагање на испит за стекнување уверение за сметководител, кандидатот треба да има средно економско образование и не треба да има претходно работно искуство во вршење на сметководствени работи, додека за стекнување на уверение за сметководител, лицето е потребно да има високо образование од областа на економијата или бизнисот и најмалку три години претходно работно искуство во вршење на сметководствени работи.

Имајќи ја предвид, сродноста на професиите како и образовната материјата која е содржана во испитот за стекнување звање ревизор, лицата кои имаат лиценца за овластен ревизор можат без полагање на испит да стекнат уверение за овластен сметководител.

Исто така, сметководствени работи во Република Македонија ќе може да врши и нејзин државјанин кој стекнал професионална квалификација за сметководител или овластен сметководител во странство доколку го положи испитот за познавање на националното законодавство релевантно за вршење на сметководствените работи спроведен од Институтот.

Лицето кое го положило испитот за сметководител или овластен сметководител и добило уверение од Институтот стекнува правото за вршење сметководствени работи со упис во соодветниот регистар на Институтот. Постапката за упис е уредена со член 18 од Предлог законот.

Заради надградување на стручното знаење сметководителите и овластените сметководители имаат законска обврска за посета на задолжителниот број часови на обука за професионално усовршување. Непочитувањето на обврската за континуирано професионално усовршување е  основ за бришење на членот од соодветниот регистар на Институтот. Континуираното професионално усовршување го спроведува Институтот самостојно или во соработка со правни лица кои најмалку три години спроведуваат стручно усовршување и едукација од областа на сметководството, финансиите или даноците. 

Во Главата IV. Вршење сметководствени работи (од член 20 до член 28), се дефинираат физичките и правните лица кои можат да вршат сметководствени работи и обврзниците кај кои истите можат да вршат сметководствени работи. За вршење на сметководствени работи обврзникот за водење сметководство може да вработи сметководител и/или овластен сметководител или со договор за вршење на сметководствени работи да ангажира трговец поединец – сметководител, трговец-поединец овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи.

Трговец поединец – сметководител, трговец-поединец овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи правото за вршење на сметководствени работи го стекнува со уписот во соодветниот регистар кој се води кај Институтот односно со издавањето на лиценцата за работа од Институтот.

Членовите 22, 23 и 24 ги уредуваат условите и постапката за упис во соодветниот регистар, како и околностите и постапката за одземање на лиценцата за работа на трговецот поединец – сметководител, трговецот-поединец овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи.

Сметководителот и овластениот сметководител при вршењето на сметководствените работи имаат обврска за почитување на Законот за класифицирани информации и Законот за заштита на личните податоци.

Членот 27 дава можност по влегувањето на Република Македонија во Европската Унија, сметководствени работи да може да врши и странско физичко или правно лице од државите членки на Европската унија кое ги исполнува условите за вршење сметководствени работи во земјата во која се регистрирани.

Членот 28 ги утврдува случаите во кои постои конфликт на интереси и во кои случаи сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец – сметководител, трговецот-поединец овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи не смеат да вршат сметководствени работи. Па така, сметководителот односно овластениот сметководител неможе да врши сметководствени работи односно да ја потпише годишната сметка за трговецот поединец или друштво за вршење сметководствени работи во кој тој е вложувач, акционер или член на орган на управување.

Главата V. Регистри (од член 29 до член 31), ги уредува содржината на регистрите кои ги води Институтот, случаите во кои сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец – сметководител, трговецот-поединец овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи се бришат од соодветниот регистар, постапката за бришење од регистрите и временскиот период за кој се губи правото за вршење сметководствени работи.


Со предлог одредбите од Главата VII. Дисциплинска постапка (од член 32 до член 39), се утврдуваат органот кој ја води дисциплинската постапка и мерките кои може да се изречат за сторена дисциплинска повреда кои вклучуваат: јавна опомена, парична казна, времено и трајно бришење од соодветниот регистар на Институтот. Со предлог одредбите во членовите 33, 34, 35 и 36 се дефинираат дисциплинските повреди за кои  се изрекуваат дисциплинските мерки.

Одлуките донесени во дисциплинска постапка ги извршува  Претседателот на Институтот и истите се објавуваат на веб страната и се запишуваат во соодветниот регистар на Институтот. Со член 39 се дефинираат роковите по чиј истек изречената дисциплинска мерка се брише од соодветниот регистар.

Главата VII. Контрола на работењето (членови 40 и 41) го уредува опфатот на контролата над работењето на сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец – сметководител, трговецот-поединец овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи.

Контролата на работењето се врши согласно годишната програма на Институтот за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец – сметководител, трговецот поединец - овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи  или на барање на заинтересирани страни.

Контролата  ја вршат овластени сметководители вработени во стручната служба на Институтот со најмалку пет години работно искуство во вршењето на сметководствени работи.

Управниот одбор на Институтот врз основа на извештајот од спроведената контрола покренува дисциплинска постапка против сметководителот и/или овластениот сметководител или може да поднесе  барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд.

Согласно одредбите од Главата VIII. Надзор (членови 42 и 43) надзор над спроведувањето на одредбите на законот врши Министерството за финансии кое, исто така,  врши надзор и на работењето на Институтот.

Во Главата IX. Прекршочни одредби (од член 44 до член 47) се уредени прекршочните санкции спрема сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец – сметководител, трговецот-поединец овластен сметководител и друштвото за вршење на сметководствени работи во случај на непочитување на одредбите од Законот.

Пред поведувањето на прекршочната постапка се дава можност за поведување постапка за порамнување. Прекршочната постапка ја води надлежен суд.

Во Главата  X  (од член 48 до член 57) се  содржани преодните и завршните одредби .



Заради создавање на критична маса на сметководители и овластени сметководители кои треба да го основаат Институтот, министерот за финансии ќе издава времени уверенија за сметководител и овластен сметководител. Уверенијата ќе се издаваат шест месеци од денот на влегување во сила на Законот и ќе имаат важност 12 месеци од денот на издавањето. Уверенијата ќе се издаваат на лица кои ќе достават докази за соодветно образование и работно искуство.

Подготвителните активности за одржување на основачкото собрание на Институтот ќе ги врши комисија од 11 члена формирана од министерот за финансии. Претседателот и пет члена  ќе бидат од  Министерството за финансии,  и пет члена од лицата на кои министерот за финансии им издал уверение за овластен сметководител. Основачкото собрание на Институтот ќе се одржи во рок од три месеци од денот на стапување во сила на законот, додека Управниот одбор на Институтот ќе се избере во рок од 15 дена од денот на одржувањето на основачкото собрание.

Првиот испит за стекнување на уверение за сметководител односно овластен сметководител ќе се спроведе во рок од три месеци од денот на основање на Институтот, додека регистрите во надлежност на Институтот ќе се воспостават во рок од четири месеци од основањето на Институтот.

На лицата кои имаат средно или вишо образование и стекнале времено уверение за овластен сметководител издадено од министерот за финансии им се дава можност доколку, поднесат барање за полагање на испитот за овластен сметководител до Институтот во текот на важноста на временото уверение, да го полагаат испитот за овластен сметководител, иако не го исполнуваат критериумот во однос на образованието за полагање на испитот утврден во основните одредби на Предлог законот.

Постојните правни лица кои се регистрирани за вршење сметководствени работи, ќе имаат обврска  да се усогласат со одредбите на законот  и да се запишат во соодветниот регистар  во рок од шест месеци од денот на основање на Институтот.


II.         Меѓусебна поврзаност на решенијата содржани во предложените одредби

Предложените одредби се меѓусебно поврзани и како такви прават правна целина и се применливи.


III.        Последици што ќе произлезат од предложените решенија

Со донесување на Предлог законот за вршење сметководствени работи, правото на вршење на сметководствени услуги во Република Македонија ќе се стекнува само со исполнување на критериумите дефинирани со Законот. Лицата кои вршат сметководствени работи ќе имаат законска одговорност во поглед на правилното водење на сметководството, и обврска со потпис да ја потврдат точноста на годишна сметка и финансиските извештаи и нивната  усогласеност со законските одредби. Сметководителите и овластените сметководители ќе имаат обврска за задолжителна професионална едукација и почитувањето на општо прифатените етички принципи на професијата.
Ќе се формира Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија како единствено национално професионално тело со надлежност да ја унапредува професијата и овластување да  спроведува испити за стекнување стручни звања, организира професионални обуки, го проверува работењето на вршителите на сметководствени услуги, ја следи примената на етичките стандарди и поведува дисциплински постапки.


No comments:

Post a Comment